Месната заедница Галичник упати предупредување до граѓаните и посетителите дека патниот правец кон селото во моментов не е безбеден за сообраќај.
Како што информираат, поради обилните врнежи од снег во текот на изминатата ноќ, патот е тешко прооден и не се препорачува за користење.
„Надлежните служби се на терен и се работи на расчистување. Ве замолуваме да не се упатувате кон Галичник сè додека патот целосно не се расчисти и обезбеди за безбедно движење. За сите понатамошни информации, ќе следува навремено известување“, соопштија од МЗ Галичник.
Утрово и Крушево се разбуди под снежна покривка. Со оглед на тоа што Крушево е на надморска височина од 1.350 метри, не е неочекувано да има снег. Имено, УХМ најави снежни врнежи над 1.000, односно 1.100 метри височина, па речиси сите планини во Македонија се под снег.
АМСМ утрово рече дека врнежи од снег има на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато, Пресека, Маврово, Крушево и на Попова Шапка со мали остатоци од кашаста маса на коловоз по интервенција на дежурните служби.