Сметките за електрична енергија од 1 јануари идната година ќе се зголемат од 57 денари за домаќинствата што трошат само во првиот блок, до 900 денари за „трошаџиите“ кои влегуваат и во најскапиот, четврти блок. Ова денес на прес конференција го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој објасни дека оваа одлука е конечна и дека ќе се применува од Нова година, а е донесена и покрај барањето на ЕВН хоум за значително поголемо зголемување на цената на струјата.
За оние потрошувачи помеѓу, односно за домаќинствата во првиот и вториот блок, месечните сметки ќе се зголемат за 70 денари, а за оние што трошат струја во првиот, вториот и третиот блок зголемувањето ќе биде 370 денари.
Бислимоски ова го образложи низ неколку примери.
„Домаќинствата што трошат во текот на месецот до 210 киловатчасови електрична енергија во скапата тарифа (колку што е границата на првиот блок, заб.) и 277 киловатчасови во евтина тарифа, ќе плаќаат повеќе за 57 денари месечно во однос на сегашните, или зголемувањето е 2,28 отсто“, објасни Бислимоски. Во оваа група влегуваат 63,8 отсто од вкупниот број домаќинства, или 517.400 потрошувачи.
Во однос на другите категории потрошувачи тој посочи дека потрошувачите што влегуваат во првиот и во вториот блок, односно трошат електрична енергија во текот на месецот од 210 киловатчасови (што влегува во првиот блок) и 420 киловатчасови (во вториот блок) како и 682 киловатчасови во евтината тарифа, зголемувањето на сметките е 2,59 отсто или 70 денари месечно. Во оваа група влегуваат дополнителни 169 илјади домаќинства.
За 14 илјади домаќинства, или 1,73 отсто од потрошувачите колку што влегуваат во групата која што покрај потрошувачката во првиот и во вториот блок, трошат и во третиот ценовен сегмент, зголемувањето е 2,79 отсто.
Најмалку се оние кои ќе добијат и најголемо зголемување на сметкитѕе – околу 4.400 домаќинства или 0,55 отсто од вкупниот број потрошувачи, кои трошат електрична енергија и во четвртиот, најскап блок. За нив поскапувањето е 3,22 отсто.
Наспроти ваквата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимоски рече дека барањето на ЕВН хоум било цените на струјата да се зголемат за 7,6 отсто во првиот блок, за 8,54 отсто во вториот, за 9,63 отсто во третиот и за дури 11,86 отсто во четвртиот блок.
Конечната зголемувања на сметките за електричната енергија се резултат и на намалувањето на трошоците за дистрибуција односно за мрежарината за 4,96 отсто, одлука што РКЕ ја донесе претходно. Во однос на месечниот надоместок од 200 денари кој што се пресметува на сметките на струја, Бислимоски рече дека РКЕ останува на ставот дека тој е неопходен, бидејќи доколку се укине, тогаш тоа ќе се одрази значително на зголемувањето на цената на струјата за блоковите.