Денес, Македонската православна црква и верниците го слават споменот на Кирил и Методиј, кои се заслужни за ширењето на писменоста меѓу словенските народи. Денес е и државен празник – Ден на сесловенската писменост и култура. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката по повод празникот истакна дека вредностите што ги претставуваат Кирил и Методиј – како што се мудроста, вербата, знаењето и единството – треба да бидат водилка во создавањето на општество кое се темели на образование, меѓусебна почит и достоинство.
Претседателката, која ја предводи македонската државно-црковна делегација во Рим и Ватикан, по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, ја посети базиликата Санта Марија Маџоре, каде што положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на светите браќа Кирил и Методиј и го посети гробот на папата Франциск.