Денеска е Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец.
Игнатиј беше ученик на св. апостол Јован. Во времето на Трајан тој беше епископ во Антиохија, каде многу се прочу по својот свет живот, така што многумина го напуштаа збрканиот незнабожечки поглед на свет и се утврдуваа во верата во Христа. На едно свое пропатување, цар Трајан дојде во Антиохија. Пред него го изведоа овој славен епископ, а Трајан го осуди на смрт и го прати во Рим.
Патувајќи за Рим, Игнатиј ги охрабруваше христијаните од градовите низ кои проаѓаше. Многу од тие негови зборови се зачуваа до денес во вид на посланија.
Во Рим беше фрлен на ѕверовите и со крвта на своето сведоштво го запеати светиот живот.
„Вистинските” бадникови и божиќни обичаи почнуваат на тој ден, на втори јануари со празникот Св. Игњат. На овој ден во некои краеви во Македонија се месат коледарски колачиња, а некаде се изведува и обичајот полазеник. За полазеник го сметале првиот гостин што доаѓал и го пречекорувал прагот на куќата. Каков ќе биде полазеникот – таква ќе биде и претстојната година за семејството.
За тој ден се верува дека ќе ви биде онаков како и целата година, до толку што постарите ги заклучувале вратите од своите домови за да не им влезат лоши луѓе и лошо да им тргне.
Лошите баби порано оделе од куќа на куќа на втори јануари да позајмат пари макар и за млеко, само за да на добрите луѓе им тргне лошо годината. Но, ваше право е на тој ден да го вратите секој оној кој ќе ви побара пари и да му речете дека денеска е Св.Игњат и од мојата куќа не излегува ништо, дојди утре.