Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) бара најитна исплата на сите неисплатени плати. Оттаму велат дека без плата не останале само вработени во културата, туку и оние во Министерството за економија и во Државниот пазарен инспекторат.
„Иако помина недела од законскиот рок, платите на вработените во државните институции сè уште не се исплатени. До таму ДПМНЕ ја донесоа земјата. Не зборуваме веќе за економски развој, туку дали Владата ќе може да ја исполни најосновната обврска – исплата на заработената плата“, велат од опозицискиот СДСМ.
Прашуваат кој ќе ја сноси одговорноста за неисплатените плати, оти тие не се награда, туку законско, загарантирано право.
„Ова не е само скандал, ова е кршење на основните права на работниците, туку уривање на нивното достоинство и уште една потврда за неспособноста на Владата предводена од ДПМНЕ“, посочија оттаму.
Според опозицијата, животниот стандард е на историско дно, сметките растат, а Владата го одби секое барање за покачување на платите, со што македонскиот работник останува најпотценет во регионот.