„Бараме отчет за сработеното„, беше единствената порака која денеска семејствата на настраданите во дискотеката „Пулс„ гласно ја кажаа за време на вториот протестен марш.
во 12.05, како симбол на задоцнетата институционална реакција од Паркот на револуцијата, со фотографии во рацете од своите чеда, семејствата на загинатите го почнаа „Маршот на ангелите„. Река од граѓани, без да изустат ниту збор, тивко се движеа по центарот на градот. Поворката помина и покрај кафулето на сопственикот на дискотеката. Таму застанаа и молчеа во чест на загинатите.
Едноминутен молк имаше и пред општинската зграда и Полициската станица. Болката e голема. На градот ќе му требат години за повторно да се врати во нормала, коментираат граѓаните кои беа дел од поворката..
„ Се е корумпирано, рибата од главата мириса. На градот ќе му требат децении да се опорави, но мора да има правда , бидејќи вака не бива„ коментираат граѓаните, кои беа дел од поворката.
На маршот беа истакнати и транспаренти на кои пишуваше „Нашите ангели заслужуваат правда„ “Ова не е несреќа, ова е убиство„. Маршот заврши, таму кај што почна, во Паркот на револуцијата во Кочани.