Градските сирени и црковните ѕвона се огласија во средата напладне во Варшава на почетокот на 80-годишнината од востанието на Евреите во Варшавското гето, кое беше уништено од нацистите.
Востанието, кое избувна на 19 април 1943 година, беше најголемиот и најпознатиот чин на урбан еврејски отпор кон нацистите во Втората светска војна, во кој неколку стотици еврејски борци ги нападнаа нацистите, подготвени да загинат во битка наместо во концентрационен логор.
Израелскиот и германскиот претседател Исак Херцог и Франк-Валтер Штајнмаер, придружувани од нивниот полски колега Анджеј Дуда, се собраа пред споменикот на хероите на гетото, спроти музејот на историјата на полските Евреи Полин, лоциран на местото на битки за време на востанието.

Франк-Валтер Штајнмаер е првиот германски претседател кој одржа говор на тоа место. Тројцата претседатели попладне ќе посетат синагога во Варшава.
Низ градот, како и претходните години, повеќе од три илјади доброволци дистрибуираа хартиени нарциси што луѓето ги облекоа на јакни и палта, во спомен на Марек Еделман, последниот командант на еврејското востание, кој почина во 2009 година и кој ја одбележуваше секоја годишнина од востанието со полагање на букет нарциси на споменикот на хероите од гетото.

Со својата боја и форма, нарцисите наликуваат на жолтите ѕвезди што Евреите морале да ги носат за време на Втората светска војна. Беа дистрибуирани и летоци со краток историски извештај за востанието, на полски, украински и англиски јазик. Оваа година оваа традиција се прошири и во другите полски градови.
450.000 хартиени цвеќиња за 450.000 затворени Евреи
Планираме да поделиме 450.000 хартиени цветови. Таа бројка го симболизира бројот на жени и мажи Евреи кои биле затворени во варшавското гето кога имало најмногу луѓе, пролетта 1941 година – изјавила за новинарите координаторката на проектот „Нарцис“, Зофија Бојанчик.
Една година по инвазијата на Полска во 1939 година, нацистите оградија дел од Варшава и поставија речиси половина милион Евреи таму на три квадратни километри, со цел да ги истребат од глад и болести, и од каде што депортираа повеќе од 300.000 до кампот Треблинка, 80 километри источно од Варшава.

Варшавското гето било најголемото гето во Втората светска војна. Во времето на бунтот, неколку стотици еврејски борци и речиси 50.000 цивили се криеле во подруми и бункери во гетото. Околу 7.000 луѓе загинаа во борбите, а 6.000 ги загубија животите во пожарите што ги подметнаа нацистите, со што гетото стана рушевина. Преживеаните завршија во кампови.
По повод 80-годишнината од востанието годинава беа организирани бројни настани од секаков вид, од средби со преживеани, концерти и филмски проекции до театарски претстави. Галеријата Кордегарди изложува колекција од секојдневни предмети кои ја раскажуваат приказната за тоа како Евреите во Варшава живееле, сакале и умреле за време на војната.

Неодамна беа откриени и фотографии од гетото направени од полски пожарникар и се изложени во музејот Полин, додека најголемиот дел од снимките досега беа дело на нацистите. Годинава годишнината од востанието се слави од перспектива на цивилите, особено на жените.