Пратениците од утре официјално ја продолжуваат работата по годишниот одмор. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, закажа неформална средба со собраниските известувачи, на која ќе ги информира за тековните активности во законодавниот дом по редовната координација со координаторите на пратеничките групи.
До петок на веб-страницата на Собранието не се најавени други активности за следната недела.
Одморот на пратениците беше прекинат на 16 август по итната седница за Предлогот за изменување и дополнување на Изборниот законик, која не беше усвоена поради немање на потребното мнозинство. Претходно, на 13 август седница одржа и Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која формира Комисија за селекција на кандидатите за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Претседателот Гаши на 9 август ги распиша локалните избори за 19 октомври. Очекувањата се дека Собранието ќе одржува пленарни седници и седници на комисиите до почетокот на изборната кампања на 29 септември.
На последниот брифинг, Гаши истакна дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека пратениците ќе бидат повикани доколку се појави потреба за дополнителни седници.