Почина најпознатиот руски моден креатор Зајцев, го викаа „Црвениот Диор“

од Вести365.МК Ј.Р.

Вјачеслав „Слава“ Зајцев, модниот дизајнер кој стои зад светски познатата советска мода, која честопати беше украсена со живописни руски фолклорни мотиви, почина во неделата на 86-годишна возраст, објавија руските медиуми.

– Почина модниот дизајнер Вјачеслав Зајцев. Годинава го прослави својот 85-ти роденден – објави руската јавна телевизија Первиј Канал, оддавајќи му почит на човекот „кој со децении диктираше советска и руска мода, иноватор кој не се плашеше од смели експерименти“, пренесува Франс прес.

Зајцев облече голем број шампиони од рускиот тим во уметничко лизгање, како и хостеси и стјуарди на националниот авиопревозник Аерофлот. Според неговите скици, биле направени костими за театарски претстави во Москва и Санкт Петербург.

Тој, исто така, дизајнираше за рускиот тим на Олимписките игри во Москва во 1980 година и на Зимските олимписки игри во Сараево во 1984 година.

Роден во работничко семејство во 1938 година, Зајцев своето прво меѓународно признание го доби во 1963 година кога француското списание Paris Match пишуваше за неговата колекција комбинезони за работнички жени, се вели во белешката објавена на веб-страницата на неговата модна куќа.

Новинската агенција РИА објави дека светлите, цветни јакни и здолништа на колекцијата биле отфрлени од Фабриката за експериментална облека, каде што работел Зајцев. Францускиот печат го нарече „Црвениот Диор“ од 1960-тите.

Во 1965 година, тој почна да работи како уметнички директор на експерименталната Сесојузна куќа на модели во Москва, а некои од неговите дизајни, кои често имплементираа цветни традиционални руски модели, беа прикажани на Запад.

Четири години подоцна, Музејот на модерна уметност во Њујорк изложи женски фустани врз основа на скици од Зајцев, меѓу другите. После тоа, Зајцев доби понуди да отвори продавници на Запад, што советските власти ги одбија.

Matryoshka's Mission exhibition in Moscow

Во далечната 1979 година, Зајцев ја напушти Сесојузната куќа на модели и отиде во мало ателје, кое до 1982 година го претвори во Московската модна куќа на Слава Зајцев, станувајќи првиот советски дизајнер на кој му беше дозволено да ја етикетира сопствената облека.

Меѓу руските клиенти на Зајцев имало музички ѕвезди, актери, политичари…

Покровителството на Раиса Горбачова, сопругата на последниот лидер на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, му донесе меѓународна слава во 1980-тите. Меѓу неговите клиенти беше и поранешната сопруга на претседателот Владимир Путин, Људмила.

-Имав неверојатна среќа што на почетокот на мојот свесен живот одлучив, фала богу, кон што ќе се стремам, кој да бидам – ​​напиша Зајцев на својата веб-страница.

– Фала му на Бога, смислата на животот ја пронајдов во потрагата по хармонија и совршенство преку највисоката уметност на облекување, сликарство и графика, фотографија… во животот, поезија – дообјасни тој во една прилика.

Слични објави