Петкоска: Македонските аеродроми најбрзорастечки во регионот, за седум месеци 2,4 милиони патници на аеродромите во Скопје и Охрид

од Вести365.МК Ј.Р.

Македонските аеродроми се најбрзо растечки во регионот, а цивилниот воздушен сообраќај бележи силен и континуиран раст. Резултатите во првите седум месеци од 2026 година се јасна потврда дека Македонија станува сè по посакувана дестинација и подобро поврзана со Европа и светот, истакна денеска на прес конференција Лидија Петкоска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Во периодот јануари до јули 2026 година, двата македонски аеродроми опслужиле вкупно 2.414.892 патници, наспроти 1.879.195 во истиот период минатата година, што се 535.697 патници повеќе.

Додека во истиот период реализирани се 16.280 летови, што во споредба со 14.985 во 2025 година, претставува зголемување од 1.295 летови.

Особено значајни се резултатите во текот на јули, кој донесе историски достигнувања и на двата македонски аеродроми.

Меѓународниот аеродром Скопје го имаше својот рекорден месец во историјата, со 408.925 опслужени патници, што претставува раст од 29,5% во однос на истиот месец минатата година.

Во текот на месецот реализирани се 2.670 летови, а на 20 јули е поставен рекорд од 101 реализиран лет во еден ден, додека на 31 јули, пак, преку скопскиот аеродром патувале повеќе од 16.000 патници.

Бројот на опслужени патници на скопскиот аеродром од јануари до јули е 2.239.811, наспроти 1.738.378 во истиот период во 2025 година.

Историски резултати бележи и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, така што јули 2026 година е најуспешниот месец во историјата со 52.544 патници, што претставува раст од дури 41,2%. Реализирани се 443 летови, а на 26 јули преку аеродромот поминале околу 3.000 патници во еден ден, што претставува нов дневен рекорд.

Охрискиот аеродром бележи значителен раст на бројот на оатници, така во истиот периодоод јануари до јули годинава патувале 175.081, наспроти 140.817 патници во истиот период лани, а бројот на реализирани операции во истиот период пораснал од 1.049 на 1.350.

Овие бројки не се само статистика. Зад нив стојат повеќе туристи, повеќе гости во хотелите и рестораните, повеќе работа за туристичкиот сектор и поголем придонес кон економскиот развој на државата.

Зголемениот број патници покажува дека Македонија станува сè попривлечна и подостапна дестинација, а растот на воздушниот сообраќај создава дополнителни можности за туризмот, угостителството, транспортот и целокупниот услужен сектор.

И сето ова не е случајност, туку резултат на голем вложен труд и две години посветана работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, рече Петкоска.

Слични објави