Оставката на министерот за здравство Арбен Таравари сè уште не е пристигната во Собранието, информира денеска собранискиот спикер Африм Гаши.
Гаши вели и дека до него сè уште нема пристигнато предлог кој ќе биде координатор на пратеничката група на ВЛЕН на местото на досегашниот Халил Снопче, кој е од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, што одлучи да ја напушти Владата и да дејствува како опозиција.
„Оставка сè уште нема. Немаме никаква нова информација за пратенички групи“,рече Гаши на денешната средба со новинарите.
Како што рече Гаши, на последната координација немало никој од ВЛЕН иако се покануваат оние што официјално се координатори.
„Кога ќе имаме нова состојба, ќе го поканиме оној којшто ќе биде координатор“, додаде Гаши.
Претседателот на Собранието информира и дека сè уште до нив нема пристигнато кој ќе биде кандидат за гувернер на Народната банка. Премиерот Мицкоски, вчера, рече дека имал разговори со Гаши изборот на гувернер на Народната банка да биде ставен како точка на дневниот ред на седницата закажана за 20 мај.