Османи на средби со Гарсија Перез и Вебер: Поддршка од европските социјалдемократи и конзервативци за евроинтеграцијата на земјава

од Вести365.МК Ј.Р.

Владата вложува максимални напори за заокружување на уставните измени како наша преземена обврска, со цел отворање на првиот кластер „Темели“ до крајот на оваа година и динамизација на пристапниот процес, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешните одвоени средби во Брисел со претседателите на двете најголеми пратенички групи во Европскиот парламент – Ираче Гарсија Перез од групата на Социјалисти и демократи (СД) и Манфред Вебер од Европска народна партија (ЕПП), кои ветија силна поддршка за европскиот пат на земјава, како и досега.

Како што соопшти МНР, Османи ја реафирмираше позицијата на државата, како одговорен и доверлив партнер на ЕУ и НАТО, целосно усогласувајќи се со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, со значајна поддршка за Украина.

Шефот на дипломатијата истакна дека на патот кон полноправно членство во ЕУ, потребни се краткорочни видливи и опипливи бенефити преку забрзана интеграција на државата, што ќе овозможи поголемо зближување во политичка, социјална, а пред сѐ, во економска смисла.

– На средбите стана збор и за регионалната динамика и придонесот на нашата држава кон регионалната стабилност и културата на дијалог со цел зајакнување на регионалната безбедност, продлабочување на добрососедските односи и унапредување на регионалната соработка, се посочува во соопштението.

За време на денешната работна посета на Брисел, Османи учествуваше и на тркалезна маса со известителите во сенка и европратениците здружени во неформалната група „Пријатели на Република Северна Македонија“, меѓу кои и Ирена Јовева, Андреас Шидер, Илхан Ќучук, Кристијан Сагарц, Марион Валсман, Тијс Ројтен, Мaсимо Касталдо и Влад Ботош.​

Слични објави