Оперскиот пејач Ристе Велков и неговиот син загинаа во несреќата на скопската обиколница

од Вести365.МК Ј.Р.

Во големата трагедија на обиколницата кај Скопје меѓу четирите жртви е и баритонот на Македонската опера и балет Ристе Велков и неговиот 20-годишен син Адам Велков. Велков беше оперски солист првенец, еден од водечките македонски баритони.

Познат е и идентитетот на уште еден од загинатите – Петар Миланов (20) од Скопје, а сѐ уште се работи на идентификација на четвртата жртва.

Во текот на неговата кариера, Велков има реализирано 26 улоги. Во неговиот репертоар има остварено повеќе од 15 водечки улоги во опери како „Набуко“, „Риголето“, „Магбет“, „Травијата“.

Министерството за внатрешни работи информираше дека синоќа во 23 часот во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница на Скопје, помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци, Б.Б. (76) од Косово, управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ристе Велков (51).

Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.

Сите што биле во автомобилот починале на лице место. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција.

По наредба на јавен обвинител возачот Б.Б. е лишен од слобода и задржан во полициска станица.

Слични објави