Од полноќ поевтинуваат горивата: Дизелот паѓа за 3 денари

од Вести365.МК Ј.Р.

Од полноќ ќе поевтинат сите нафтени деривати, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за највисоките малопродажни цени.

Најголемо намалување има кај дизелот, кој од утре ќе се продава по максимална цена од 97 денари за литар, односно за три денари помалку од досегашните 100 денари.

Бензинот Еуросупер БС-95 поевтинува за 1,50 денари и од полноќ ќе чини 98,50 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 ќе се продава по 100,50 денари за литар, исто така за 1,50 денари поевтино.

За три денари по литар се намалува и цената на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), која ќе изнесува 108,50 денари за литар.

Мазутот М-1 НС поевтинува за 0,285 денари и неговата максимална цена ќе изнесува 49,597 денари за килограм.

Одлуката на РКЕ ќе започне да се применува од 00:01 часот на 6 октомври 2026 година. Со неа, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 1,85 проценти.

Од РКЕ објаснуваат дека намалувањето е резултат на падот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Кај бензините просечното намалување било 2,885 проценти, кај дизелот 4,770 проценти, кај екстра лесното масло 4,384 проценти, а кај мазутот околу 1,807 проценти.

Во новата пресметка е применет и намален износ на акцизата кај бензините и дизелот, додека кај дизелот е применета и повластена даночна стапка на ДДВ од 10 проценти.

Новите максимални цени од 6 октомври:

Еуросупер БС-95 – 98,50 денари/литар

Еуросупер БС-98 – 100,50 денари/литар

Еуродизел – 97 денари/литар

Екстра лесно масло ЕЛ-1 – 108,50 денари/литар

Мазут М-1 НС – 49,597 денари/килограм

Бензинските станици можат да формираат и пониски цени од максималните што ги утврди РКЕ.

Слични објави