Министерот Оливер Спасовски е категоричен дека ќе нема казни за сите лица кои што до законскиот рок – февруари, нема да ги променат личните документи. „Ниту еден граѓанин нема да добие казна, ниту ќе биде ускратен за остварување на било кое право во државата. Да си ги завршиме граѓанските обврски. Нема да има последици по никого”, изјави министерот Спасовски.
Изјавата Спасовски ја даде за време на реализирањето на проектот „Отворен кабинет“ во СВР Струмица, каде беше запрашан и за тоа какви се можностите граѓаните кои живеат надвор од Скопје да ги заменат личните документи.
Спасовски рече дека веќе 80 осто од граѓаните кои не живеат во Скопје ги замениле личните документи и дека таму се работи без закажување на термин. „Издадена е наредба од помошникот министер на Одделот за граѓански работи, во сите градови надвор од Скопје да се работи без закажан термин, сите што ќе дојдат ќе бидат услужени. Засега нема проценка дека ќе има каков било проблем и очекувам дека успешно ќе се заврши.
Во Скопје, новотворениот пункт многу придонесува за голема динамика. Според проценките, во наредните месец или два можат да се завршат сите замени. Ќе работиме интензивно и секојдневно ги анализираме работите”, рече министерот Спасовски, потсетувајќи дека работното време на новоотворениот пункт е од 08.00 до 18.00 часот секој работен ден.