Напад на Кримскиот мост? (ФОТО)

Сообраќајот на Кримскиот мост беше запрен рано утринава, а првичните информации укажуваат на експлозии. Две лица се загинати, а едно дете е повредено, пренесе РИА Новости, повикувајќи се на Министерството за здравство на регионот Краснодар.

„Според податоците на Министерството за здравство на Краснодарската територија, во вонредна ситуација на мостот на Крим е повреден малолетник“, се наведува во соопштението.

Екипа на истражниот комитет излегла на местото на настанот, а руското Министерство за транспорт негирало дека е оштетен столбот на мостот и наведува дека е оштетен само коловозот.

Шефот на Крим, Сергеј Аксјонов, рече дека железничкиот сообраќај може да биде обновен до 9:00 часот по локално време.

На Телеграм, тој побара од жителите на регионот и туристите да користат алтернативни копнени патишта, наместо мостот на Крим.

„Имајќи ја предвид моменталната ситуација, ги молам жителите и гостите на полуостровот да се воздржат од патување преку мостот на Крим и, од безбедносни причини, да изберат алтернативен пат. Верувајте само на официјални информации“, рече Аксјонов, без да прецизира зошто настанал проблемот.

Ројтерс јавува, повикувајќи се на украинската новинска агенција РБЦ, дека на мостот се слушнале две експлозии и додава дека не може самостојно да ги потврди извештаите.

Засега нема коментари од украинска страна.

Два удари на мостот

Два удари, наводно, биле извршени на мостот околу 03:00 часот по локално време, при што е оштетен дел од структурата, според „Grey Zone“, про-вагнеров канал на „Телеграм “.

На снимката се гледа дека дел од мостот се урнал, а едно возило е оштетено.

На социјалните мрежи беа објавени фотографии од мостот на Крим направени синоќа. Тие покажуваат дека светлата на две места на мостот не работат од се уште неутврдена причина.

На местото на настанот излезе заменик-претседателот на Советот, министерот на Република Крим, Игор Михаиличенко, а таму излегоа и раководителите и истражителите на седиштето на Крим на Истражниот комитет.

Слични објави