Мицкоски: Јазикот е татковина, која сме ја наследиле, која мора да ја чуваме грижливо и да ја предадеме како светост на идните генерации Македонци

„Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Овие зборови на Блаже Конески се најдобриот опис на македонскиот јазик, неговото значење и неговиот идентитетски белег на Македонија и Македонецот. Македонскиот јазик не е дрво без корен, тој битисувал и ќе битисува на овие простори со векови. Македонскиот јазик е секоја песна, секоја приказна од нашите дедовци и баби. Македонскиот јазик е секоја книга од средновековието до денес. Македонскиот јазик е проткајан од преродбениците, преку Мисирков, Рацин, Конески до секој Македонец кој денес го говори и ќе го говори, додава тој.

Според него тој не е монета за поткусурување како што денес неразбраните трговци го преговараат, па уште и без срам велат дека го испреговарале.

– Јазикот е татковина, која сме ја наследиле, која мора да ја чуваме грижливо и да ја предадеме како светост на идните генерации Македонци. Нека е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Нека е вечен денот, нека е вечен македонскиот јазик, нека е вечна Македонија, напиша Мицкоски.

Слични објави