Поврзувањето е стратешко позиционирање и стратешка цел на оваа Влада, порача премиерот Христијан Мицкоски по увидот на автопатот Гостивар-Букојчани.
-Овие коридори, 8 и 10, се стратешки за Македонија како држава од многу аспекти. Токму затоа тоа претставува наш најголем приоритет, изградбата на автопатот, изградбата на пругата, модернизацијата на брзата пруга на коридор 10 и се разбира, енергетското поврзување преку далеководи. Едниот го рестартиравме, тој е кон Албанија, со останатите соседи сме поврзани на висок напон со далеководи, зборувам за соседна Србија, Косово, Бугарија и Грција, сега останува уште Албанија. Очекувам и тој проект да биде завршен. И конечно, поврзувањето со гасната инфраструктура, прилично интензивно се гради гасоводот со Грција, рече Мицкоски.
Премиерот информираше дека оваа недела ќе започне објавување на тендерот за гасовод кон Србија.
-Конечно да го спомнам оној проект за нафтоводот, кој со децении ‘рѓосуваше и беше оставен на забот на времето. Сега е функционален и служи за транспорт на нафта, односно поврзување на пристаништето Солун со рафинеријата Скопје. Кога сето ова глобално ќе биде завршено, можеме да кажеме дека сме навистина регионален хаб и дека од тука понатаму, северна со јужна Европа ќе се поврзува, централна Европа со Меедитеранот, Јадранското и Јонското со Црното море. Тоа е онаа предност стратешка која ние ја имаме како држава, рече Мицкоски.
Најави дека како Влада ќе продолжат да поддржуваат вакви проекти и наскоро очекува да се пушти делот Кичево-Охрид и гасоводот на половината на средната година.
-Сето ова претставува една амбициозна агенда, но нашиот фокус е сериозен, нашата оптика е силно вперена во овие проекти и така ќе продолжиме, посочи премиерот.