Мицкоски: Инвестицијата на „Алказар Енерџи“ ќе достигне околу половина милијарда долари

од Вести365.МК Ј.Р.

Инвестицијата на „Алказар Енерџи“ во ветерниот парк на подрачјето на Штип, Радовиш и Карбинци, по целосната реализација треба да достигне вредност од околу половина милијарда долари, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на проектот во Општина Штип.

„Отпочнуваме инвестиција којашто на крајот кога ќе биде целосно реализирана ќе вреди околу половина милијарда долари. Но она коешто мене дополнително ме охрабрува е фактот што од инвеститорот слушнав дека тука не почнуваат и не завршуваат нивните планови за инвестирање во Македонија, туку напротив, тие имаат и други планови“, рече Мицкоски.

Од „Алказар Енерџи“ денеска соопштија дека е затворена финансиската конструкција за првата фаза од проектот во износ од 180 милиони евра. Таа опфаќа капацитет од 131 мегават и поставување 21 ветерна турбина, а средствата се обезбедени од ЕБРД, ИФЦ, Ерсте банка и Шпаркасе банка.

Целиот проект е планиран во три фази и треба да достигне вкупен инсталиран капацитет од 396 мегавати со 54 ветерни турбини.

Според компанијата, по целосното завршување ветерниот парк треба да обезбедува електрична енергија за околу 148.000 домаќинства, а во реализацијата се очекуваат речиси 300 работни места

Мицкоски посочи дека проектот предвидува и нова патна инфраструктура во општините низ кои се протега ветерниот парк. Според неговите проценки, производството треба да достигне околу еден терават-час електрична енергија од обновливи извори годишно, односно приближно еден милион мегават-часови.

Тој додаде дека Владата ќе продолжи да поддржува гринфилд инвестиции во енергетскиот сектор и дека инвеститорот најавил интерес и за други проекти во земјава.

Слични објави