Премиерот Христијан Мицкоски, по повод годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, порача дека државата треба да гледа кон иднината со зрелост, одговорност и почит кон различностите.
„Минатото не можеме да го промениме, но можеме да одлучиме каква иднина ќе изградиме. Таа иднина мора да биде ослободена од етнички тензии, политички манипулации и поделби кои со години се користеа како замена за резултати“, порача Мицкоски.
Во својата порака премиерот истакна дека Рамковниот договор е дел од поновата историја и од политичката и институционалната реалност на државата, но нагласи дека различните ставови кон него не треба да бидат причина за нови поделби.
Според Мицкоски, повеќе од две децении подоцна, фокусот треба да биде ставен на функционални институции, еднаквост пред законите, квалитетно образование, подобро здравство, економски развој и создавање услови младите својата иднина да ја градат дома.
„Време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува, а многу повеќе со она што заеднички треба да го изградиме“, порача премиерот.
Мицкоски додава дека државата треба да биде општество во кое човекот ќе се вреднува според знаењето, трудот, чесноста и придонесот кон заедницата, а не според неговото потекло.
На крајот од пораката тој повика на градење стабилна и сигурна држава во која различностите ќе се почитуваат, но заедничката иднина ќе биде посилна од сè што ги разделува граѓаните.