Министерот за здравство Азир Алиу денеска спаси бездомник од можна ампутација на ногата. Човекот кого го сретнавме на улицата „Македонија“ на клупа спроти канцеларијата на Народниот правобранител, беше одминуван од сите, со голема и очигледна инфекција на левата нога која го оневозможува да се движи и да ја носи патиката на левата нога. Тој се согласи да даде изјава за „Слободен печат“ за голготата што ја поминувал во здравствениот систем кој ги игнорира најсиромашните и најранливите категории граѓани наспроти она што го налага Хипократовата заклетва.
Големите и разранети пликови и рани полни со гној и вода, го оневозможуваат да чекори, а слични промени иако не со толкав интензитет се започнати и на неговата десна нога.
-Викнавме двапати Брза помош, тоа се случи пред 3-4 дена. Ми рекоа дека немаат возила и да одам во Ургентен центар, во ГОБ „8 Септември“ или во Градска болница. Каде може да одам јас, не можам да одам. Едвај се движам. Ајде си велам, ќе отидам до Градска болница. Имаше многу гужва. Се налутив, влегов, почнав да викам „луѓе ве молам помагајте, гледајте што се случува, спасете ме“. Ми рекоа дека не можат да ме примат, дека имаат многу пациенти и не можат да ме примат. И ситуацијата се влошува. Со хартија ја бришам крвта мешана со вода, ни рече тој.
Откако на повикувачкиот центар 112 се јавивме да побараме Итна помош, немаше реакција. Но, откако помогна министерот за здравство Азир Алиу, се појави екипа на Итната помош по негов налог и човекот беше пренесен на Ургентен центар при Клинички центар „Мајка Тереза“.
Итната помош во Скопје уште функционира со 5 екипи во смена, со многу голема потреба за вработување доктори. Како што минатата недела за „Слободен печат“ изјави директорот на Здравствен дом Скопје Самир Исени, од негова страна испратено било барање за вработување на 35 медицински тимови во Брзата помош до Министерството за финансии. Од јануари до денеска, одговор за вработувањата нема.