Милосим Војнески се повлекува од изборната трка за градоначалник на Македонски брод

од Вести365.МК Ј.Р.

Независниот кандидат за градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески, објави дека се повлекува од изборната трка во вториот круг на локалните избори.

Војнески во својата објава се заблагодари на сите граѓани кои му ја дадоа довербата и поддршката во првиот круг, но нагласи дека по бројните разговори и консултации, одлучил дека најдобро е да ја повлече кандидатурата.

-Почитувани мои сограѓани,

Ви благодарам од срце за големата поддршка што ми ја укажавте во првиот круг од локалните избори.

По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура.

Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми.

ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес.

Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.

Свесен сум дека оваа моја одлука за многумина ќе биде изненадување, но верувајте – ова е најдоброто нешто што можев да го направам за граѓаните на нашата Општина во овој момент.

Секогаш ќе бидам достапен за граѓаните и ќе се обидам да помогнам колку што можам. Вашата поддршка никогаш нема да биде заборавена, пишува Војнески на Фејсбук.

Слични објави