Меџити: Единствениот кој има дилеми и гледа можност за соработка со ДУИ е Арбен Таравари

од Вести365.МК Ј.Р.

Единствениот кој има дилеми и гледа можност за соработка со Демократската унија за интеграција (ДУИ) е Арбен Таравари, министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата „Вреди“, рече денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити одговарајќи на новинарско прашање какви се односите меѓу политичките субјекти во коалицијата и дали очекуваат заеднички настап на претстојните локални избори.

„Односите со Арбен Таравари се добри и комуницираме. Но, сите треба да имаат в предвид дека ВЛЕН е антипод на ДУИ, односно коалиција што победи на претходните парламентарни избори и ја донесе долгоочекуваната промена во албанскиот кампус. Работиме на тоа таа промена да ја почувствуваат и граѓаните. Никој нема дилеми во коалицијата. Единствениот што има дилеми и гледа можност за соработка со ДУИ е господинот Таравари“, рече Меџити.

Посочи дека изминатите денови се водат разговори во рамките на коалицијата, сите субјекти да се претворат и вторпат во „Вреди“, како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на претстојните локални избори.

„ВЛЕН ги доби гласовите на минатите избори, 107 илјади гласа, како антипод и предводник на промените во делот на албанскиот кампус. Така, што никој нема дилеми, освен Таравари. Но, ВЛЕН и соработка со ДУИ сметам дека е неприродно“, вели тој.
Во однос на листите на претстојните локални избори, Меџити вели дека ставот на сите политички субјекти во коалицијата е да има една листа, еден штаб и една програма и платформа, со оглед на тоа дека веќе постои иницијатива за сите партии во рамки на коалициите да се претопат во една политичка партија.

„Се размислува дури и некаде каде што има анализа и проценка дека треба да излеземе и надвор од ВЛЕН и да поддржиме независен кандидат, и тоа ќе го направиме. Градоначалниците се избираат по мнозински модел, додека системот за листите ги фаворизира големите и нема никаква смисла кога веќе сме кај големите да преминеме кај малите бидејќи тоа ќе значи расцепување на гласови што ќе одат во прилог на ДУИ. И тогаш се поставува прашањето за кого работиме“, кажа Меџити.

Според него, сите политички аргументи одат кон тоа да одат со заеднички листи и нема дилема дека „Вреди“ ќе има една листа, еден штаб и една програма.

Слични објави