Меси со награда „Лауреус“, спортот ги обединува луѓето и затоа оваа награда е посебна!

Лионел Меси го оствари својот животен сон во Катар на крајот на 2022-та година, но тоа не го спречи да продолжи да ја збогатува својата колекција на индивидуални признанија. Денеска, Меси по вторпат ја доби најпрестижната награда за спортисти, „Лауреус. На церемонијата која се одржа во Париз, тој е прогласен за најдобар спортист на годината, воедно е и единствениот фудбалер со ова признание, претходно годинава беше веќе избран за најдобар фудбалер од страна на ФИФА.

Иако ова е вторпат во својата кариера како Аргентинецот ја добива оваа престижна награда, сепак за првпат беше дел од церемонија за „Лауреус“, бидејќи поради Ковид истата не беше одржана во 2020-та година. Меси изјави дека е многу среќен што овојпат е дел од церемонијата, особено поради тоа што се одржува во градот во кој живее.

Тој истакна дека светското првенство беше трофејот кој му недостасуваше и дека тој има посебно, специјално значење за него, за соиграчите и за целата нација. Меси додаде дека фудбалот значи живот за него и дека спортот ги обединува луѓето, од овие причини и оваа награда е посебна. Исто така, тој им се заблагодари на сите соиграчи кои му помогнаа да го оствари овој успех, не само од националниот тим, туку и од ПСЖ. Меси заклучи дека ова не би го остварил сам и дека е благодарен на сите. Од „Лауреус“ исто така беше избран и во тимот на годината. Тој за оваа награда победи многу врвни спортисти, како Килијан Мбапе, Рафел Надал, Макс Ферстапен, Стеф Кари и рекордерот во скок со стап, Арманд Дуплантис.

Слични објави