Во големото финале во Чемпионшип лигата, по екипите на Барнли и Шефилд Јунајтед, екипата на Лутон Таун е третиот патник во Премиер лигата. Екипата на Лутон за првпат во својата историја ќе игра во Премиер лига откако таа е формирана во 1992-рата година.
Во финалето на натпреварот на Вембли, Лутон успеа да ја победи екипата на Ковентри по пенал серијата, која заврши со 4-3. Во регуларните 90 минути и продолженијата, резултатот беше 1-1.
Но, успехот беше придружен и со еден неочекуван и стресен момент. Капитенот Том Локјер колабираше на теренот без контакт со противнички фудбалери, што предизвика паника. Поради брзата реакција на лекарските служби, Локјер беше освестен и изнесен од теренот со носилки и пратен во болница.
Сепак, по победата, Лутон сподели дека Локјер е во добра состојба во болницата, а таткото на Локјер откри дека имало победничко славје во неговата соба.
