Европската Унија мора да постави приоритети, и не би било фер да се разговара за членство на Украина пред земјите од Западен Балкан кои со децении се во чекалната – смета германскиот пратеник Армин Лашет. Поранешниот наследник на канцеларката Ангела Меркел и доскорешен лидер на германската ЦДУ/ЦСУ вели дека евроскептицизмот е во пораст во самата Германија, а како пример го наведе растот на анкетите на екстремната десница. Според него, потребно е да се врати кредибилитетот на целиот процес, не само за земјите кандидатки, туку и за самите земји-членки.
-Проширувањето со Западен Балкан е во стагнација генерално. И денеска разговараме за Украина да стане земја членка и мислам дека тоа не е фер процес. Сите кои очекуваат дека Украина може наскоро да стане членка на ЕУ не ги разбираат европските процеси. Мислам дека земјите од Западен Балкан пред тоа треба да станат членки на ЕУ. Треба да поставиме приоритети. Има многу луѓе кои се скептични и се против проширувањето. Ова е многу интересен процес. Тие се дел од владите, сакаат да бидат дел од ЕУ, но се против нови земји-членки и затоа мора да убедиме многу луѓе во врска со процесот на проширување, вели– Армин Лашет – пратеник во германскиот Бундестаг.
Германскиот пратеник порача дека решенијата за историски спорови меѓу земјите на западен балкан мора да се носат врз прагматична основа. Даде и историски пример, за средновековниот император Карло Велики, за кого Германците и Французите со години воделе спорови. Сепак, на барање на поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов, не отиде чекор понатаму за историските прашања меѓу Македонија и Бугарија. Лашет сепак, доби одговор од пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
-Французите велат дека Карло Велики е наш император, а Германците велат не, тој е Германец. Но, тоа е истата личност и некогаш имате слични работи тука. Дознав за некој лидер од Македонија каде Бугарите велат дека е Бугарин, а Македонците дека е Македонец…нешто така беше, некое име? Да не ја допираме темата, добро, во ред. Јас сум за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, но на пргаматичен начин, да се надминат тие историски разлики и омраза кои постојат од минатото,- – Армин Лашет – пратеник во германскиот Бундестаг.
-Германија и Франција не спореле за тоа што пишува во личната карта или во пасошот на Карло Велики,- истакна Антонио Милошоски – Пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Германскиот пратеник инаку е дел од делегацијата со високи гости кои изминатите неколку дена се во посета на земјава во рамки на форумот за културна дипломатија. Покрај Лашет, на седницата на националниот советот за евроинтеграции во македонското собрание присутни беа и поранешните шефови на држави од регионот, Борис Тадиќ од Србија, Иво Јосиповиќ од Хрватска и Петар Стојанов од Бугарија.