Замрзнувањето на партиските функции на Мерко треба да ни испрати порака дека партијата не смее да си го руши угледот и да трпи штета во партиските редови од несовесното поведение на истиот, за разлика од местото во државата на кое тој може слободно да си продолжи како и до вчера со делувањето иако е веќе личност од црната листа на САД осомничен за тешки злоупотреби.
Ова го вели Софија Куновска, поранешна пратеничка и партиска функционерка на СДСМ.
Таа додава дека тоа што државата губи углед и што материјалната штета е на сметка на граѓаните, актуелната власт не ја интересира.
– Премиерот можеби не може да делува на Мерко и да го принуди да поднесе неотповиклива оставка, но макар и на вербално ниво, мора да има став јасен како ден по тоа прашање, дека човек од црна листа не може да продолжи натаму на чело на единица на локална самоуправа како и до вчера, потенцира Куновска.
Посочува дека за тоа дали премиерот треба и Републичкиот јавен обвинител да го повика да си понесе одговорност има уште некој ден на располагање.
– Па тој нека го повика следниот по него за кој смета дека е одговорен и така натаму до крај, истакна таа.