Кузеска: Скандалот во МВР со испитниот центар смрди на корупција

од Вести365.МК Ј.Р.

СДСМ бара расчистување на голем скандал со милионски тендер за организирање возачки испити во МВР. Портпаролката на опозициската партија, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција рече дека новооснована фирма, зад која стои советник на ВМРО-ДПМНЕ, добила милионски бизнис од МВР.

„Практично сите полагања на возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен беа доверени токму на оваа фирма блиска до власта, со монопол од пет години. На крајно сомнителен начин и со прашање дали воопшто ги исполнува условите?“ праша Кузеска и додаде дека СДСМ побарала реакции од Државната комисија за спречување корупција, од Основото обвнителство и од сите надлежни институции.

Кузеска вели дека додека се чекала реакција од некоја институција, скандалот се потврдил и се проширил.

„Истото МВР на Тошковски, која процени дека „Супер возач“ ги исполнува условите за работа, деновиве го затвори центарот. Замислете, поради тоа што немал соодветна документација, стручен кадар, немал возила и не водел уредна евиденција.

Сега прашањето е дали МВР на Панче Тошковски доделила лиценца на фирма која од старт не ги исполнувала условите? Дали милионскиот тендер е доделен само поради тоа што зад оваа фирма стои советник на ВМРО-ДПМНЕ? Ова ли е шемата за испумпување на парите на граѓаните преку фирми блиски на власта?“ наведе Кузеска.

Ова, според неа, се јасни индиции дека постои основано сомнение за однапред наместен тендер, сомнежи за корупција кои мора темелно да се истражат.

„По скандалот со набавката на униформи втор пат се случува крупен, сомнителен тендер во МВР за краток период. Ќе понесе ли Панче Тошковски одговорност? Наместо да се бори со криминал, министерството стана извор на корупција и сомнителни тендери“ додаде Кузеска.

СДСМ бара Државната комисија за спречување корупција веднаш да отвори предмет за целиот тендер а Основното јавно обвинителство да покрене истрага и да утврди одговорност.

Слични објави