Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека натаму постапката треба да ја води обвинителството, или по пријава од полицијата или по допрен глас од она што се гледа дека се случувало на седницата од која има директен пренос како на Собранискиот канал така и преку веб – страната на Парламентот.
По завршување на продолжението на 131. седница и гласањето за новиот Деловник на Собранието синоќа во пленарната сала припадници на МВР извршиле увид на направената штета во инцидентот што го предизвикаа пратениците од Левица за време на амандманската расправа.
Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА денеска изјави дека натаму постапката треба да ја води обвинителството, или по пријава од полицијата или по допрен глас од она што се гледа дека се случувало на седницата од која има директен пренос како на Собранискиот канал така и преку веб – страната на Парламентот.
За тоа колкава материјална штета е направена дополнително ќе биде соопштено, вели тој, но таа, нагласува Џафери ќе треба да биде надокнадена од пратеникот Борислав Крмов од Левица, кој го искрши мониторот и друг инвентар на претседавачката маса во Пленарната сала.
– Ако некој од вработените направи штета на работа, тој го плаќа трошокот, посочува Џафери и додава дека така ќе биде и во овој случај.
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов синоќа порача дека ќе ја надомести штетата што ја направи во Собранието со кршењето на микрофонот и мониторот на компјутерот на претседателот на Собранието.
-Видов дека претседателот Џафери изјавил дека ќе ми ја пратат сметката. Слободно, тоа е најмалиот проблем, ќе ја платиме штетата, но штетата од процесот е неповратна, рече Крмов во емисијата „Тешки муабети“ на Инфомакс.
Според него, Собранието на еден начин се самоукина.
-Собранието сега е само еден обичен извршител на Владата и следната Влада. Веќе нема да има Собрание. Додека ова се случуваше кај нас, еве во Албанија сега го запалија Собранието, тоа е Собрание, да има и немили сцени, ќе го запалат, ќе се степаат. Курти фрлаше димни бомби – тоа е Собрание, таму треба да има судир на идеи. Сега Собранието сега ефективно е Влада, рече пратеникот.