Докторот Хинтон објави дека се повлекува од својата позиција во „Гугл“ и дека жали за сѐ со што придонесол за развојот на вештачката интелигенција. Тој, сепак, не го поврзува директно своето пензионирање со моќта на своето „чедо“ на кое му кумувал.
– На 75 години време е да се повлечам – изјави Хинтон за „Њујорк тајмс“.
Тој оценува дека не е далеку моментот кога вештачката интелигенција ќе ја надмине природната и дека никој не може да претпостави како и во кој правец потоа ќе се развива.
– Опасноста од четботовите е прилично застрашувачка. Во овој момент тие не се поинтелигентни од нас, колку што јас можам да кажам. Но, мислам дека наскоро ќе бидат – предупредува докторот Хинтон, укажувајќи на четџипити и на низата други сродни апликации што им се достапни на корисниците на интернет.
Канадскиот психолог и компјутерски научник во интервју за Би-би-си укажува дека виртуелните соговорници со вештачка интелигенција многу скоро ќе стекнат поголема способност за чување и обработка на информации отколку што е природниот капацитет на човековиот мозок.
– Сега сме сведоци дека работи како Четџипити 4 го надминуваат количеството на општо знаење на луѓето, и тоа за многу. Од аспект на резонирање тие не се толку добри, но веќе извршуваат едноставно резонирање. А, со ова темпо на напредок, можеме да очекуваме дека ќе бидат подобри многу брзо. Затоа треба да бидеме загрижени – предупредува Хинтон.
Развој во непознат правец
Професорот на Универзитетот Торонто уште во 2012 година со двајца свои студенти изгради „неутрална мрежа“, што се смета за основа за понатамошен развој на вештачката интелигенција. Своите знаења тој пред десетина години тој ги пренесе во „Гугл“, придонесувајќи за креирање на развојните лаборатории.
Најголемата закана за човештвото тој не ја гледа во самата вештачка интелигенција, туку во можноста таа да биде злоупотребена.
– Ова би било најлошото сценарио, кошмарно сценарио. Замислете си, на пример, некој зол актер, како (рускиот претседател Владимир) Путин да реши да им довери на роботи да создаваат сопствени цели, како на пример „потребна ми е поголема моќ“ – предупредува компјутерскиот експерт.
Иако вештачката интелигенција е развивана од луѓе како него, докторот Хинтон е загрижен дека кога таа ќе се изедначи со природната ќе биде многу потешко да се контролира.
– Дојдов до заклучокот дека типот на интелигенција што го развиваме е многу различен од интелигенцијата што самите ја имаме. Ние сме биолошки системи, а тоа се дигитални системи. Големата разлика е што во дигиталните системи може да имате многу копии поврзани во ист пакет. Сите овие копии може да учат одвоено, но инстантно го споделуваат стекнатото знаење. Тоа би значело дека ако меѓу 10.000 луѓе еден научи нешто нови, сите автоматски ќе го знаат. Затоа овие четботови знаат многу повеќе нешта од било кој човек – објаснува докторот Хинтон.
Битка на гигантите
Изразувајќи жалење поради сопствениот придонес за развојот на вештачката интелигенција до овој стадиум, тој се воздржува од критикување на „Гугл“, истакнувајќи дека компанијата во која до вчера и самиот работел е многу поодговорна од другите.
– За „Гугл“, всушност, можам да кажам многу добри нешта. И тие би биле покредибилни ако повеќе не работам во „Гугл“ – истакнува „кумот“ на вештачката интелигенција.
Џеф Дин, главниот научник во „Гугл“ ја потврди забелешката од Хинтон.
– Додека храбро иновираме, ние постојано учиме за да ги разбереме потенцијалните ризици од производите со вештачка интелигенција. Длабоко уживав во многуте разговори со Хинтон низ годините. Ќе ми недостасува и му посакувам сѐ најдобро – објави Дин.
„Гугл“ има креирано сопствен и прилично квалитетен виртуелен соговорник, но се воздржува да го промовира на интернет, за разлика од серијата апликации Четџипити на „Опен АИ“, во чиј развој конкурентскиот гигант „Мајкрософт“ вложи десетици милијарди долари. Од промоцијата во ноември Четџипити стекна стотици милиони корисници, а „Мајкрософт“ веќе ја вградува вештачката интелигенција во својот пребарувач Бинг.
Експертите во „Гугл“ истакнуваат дека инсистираат на квалитетот и дека својот четбот ќе го промовираат кога ќе бидат сигурни дека нема да „халуцинира“ како конкурентските, кои често пати даваат непроверени одговори и така шират лажни информации.
– Како една од првите компании што ги објави принципите за вештачката интелигенција, ние остануваме посветени на одговорен пристап при развојот на ВИ – истакна главниот научник во „Гугл“.
Не верувајте им на ушите и на очите
Том Волш, водечки научник на Институтот за вештачка интелигенција на Универзитетот на Нов Јужен Велс, изјави за британскиот весник „Гардијан“ дека новите алатки достапни на интернет не само што можат да им помагаат на студенти да полагаат испити или да креираат фотографии и снимки по избор на корисникот, туку може да разбијат и системи за заштита на податоци.
– Луѓето треба да преиспитаат сѐ што гледаат дека се објавува на социјалните мрежи. Кога гледате какви било дигитални податоци, звучни или снимки, треба да бидете свесни дека некој можеби ги преработил – предупредува Волш.
Другата важна причина поради која „Гугл“ не брза со вградувањето на вештачката интелигенција во своите производи е да не го уништи сопствениот пребарувач, кој е доминантен на пазарот и на компанијата ѝ го носи поголемиот дел од приходот. Но, популарноста на четботовите на конкурентските компании не му оставаат уште многу време на „Гугл“ да го чува својот адут.
Револуционерната технологија предизвикува потреси и во компаниите што ја развиваат. Главниот директор на „ИБМ“, Арвинд Кришна, завчера изјави дека во период од пет години информатичкиот гигант би можел да замени со машини една третина од работните места. Тој истакна дека ќе биде забавен, па можеби и целосно ќе биде запрен процесот на ангажирање нови луѓе во разни одделенија, како, на пример, во она за човечки ресурси. Во компанијата со вкупно 260.000 вработени на глобално ниво, многу скоро машините ќе бидат ангажирани на 7.800 работни места.