Ковачки: Треба да ѝ помогнеме на Украина со сета помош што можеме да ја дадеме, редно време е да ја вратиме услугата

ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува одлуката за обучување на украински војници на територијата на Македонија. Ваквиот став на партијата го сподели за „Локално“, пратеникот Драган Ковачки. Тој потсети дека уште од самиот почеток на руската агресија, неговата партија ја осуди со Декларација во Собранието и ја поздравија одлуката за помош на Украина.

-И тогаш кажавме дека дури и ако никој тоа не го направеше, ние требаше да го направиме, затоа што ние како држава имаме обврска кон Украина. Во 2001 година, Украина беше државата која не стави забрана за извоз на оружје кон Македонија и која значително помогна во јакнењето на борбените капацитети на АРМ. Тука мислам и на дадената помош во украински обучувачи за нашите офицери и војници за системите кои беа пристигнати од Украина. Редно време е да ја вратиме услугата, истакна Ковачки.

На прашањето дали стануваме поголема цел на интерес на Русија поради обучувањето, пратеникот смета дека со станувањето член на НАТО, ние ги преземаме и ризиците, односно заканите кои доаѓаат кон НАТО како сојуз, што значи дека како држава сме предмет на интерес, а веројатно и на активности од страна на тие со кои сме на различна страна и со кои не споделуваме исти вредности.

Слични објави