Ковачевски – Дрекслер: Партнерството меѓу Северна Македонија и Германија е силно и претстојат уште поголеми заеднички успеси

од Вести365.МК Ј.Р.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска имал средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер.

На средбата биле сумирани впечатоците од минатонеделната посета на премиерот Ковачевски на Берлин. Притоа, како што соопштија од владината прес-служба, премиерот Ковачевски изразил благодарност во име на Владата и на граѓаните на Северна Македонија за безрезервната поддршка од Сојузна Република Германија на демократските процеси во нашата земја, интеграцијата во Европската Унија и конкретно за изразената поддршка на спроведување на преговарачката рамка помеѓу Северна Македонија и ЕУ.

Премиерот и во оваа прилика посочил на значењето на Резолуцијата усвоена од германскиот Бундестаг, со која се изразува силна поддршка на европската интеграција на земјата, и се оддава признание на македонската култура, јазик, идентитет.

Како што се наведува во соопштението, на средбата уште еднаш е нагласена силната и недвосмислена поддршка од Германија за продолжување на следните чекори во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, како неповторлива шанса пред којашто се наоѓа нашата држава.

Премиерот Ковачевски и амбасадорката Дрекслер изразиле задоволство што македонско-германското партнерство, кое годинава одбележува 30-години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, значително и континуирано се унапредува, за што доказ е развиената економска соработка.

Воедно, потврдена е важноста на Берлинскиот процес и посветеноста на нашата земја во натамошно јакнење и проширување на соработката и проектите во рамки на истиот, се додава во соопштението од владината прес-служба.

Слични објави