Државната комисија за спречување на корупцијата иако го побара, сепак од Владата не го доби Договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д со стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“. Договорот како што најави премиерот Димитар Ковачевски, е испратен во Обвинителството, а деновиве ќе можат во Собранието да го видат и пратениците кое поседуваат безбедносни сертификати.
-И ние имаме сертификати за доверливост, односно за државна тајна така што нема ников проблем да ни го достават. Не можат 400 страници да бидат тајни работи и оној финансискиот дел, тој треба да биде транспарентен. Можеби има делови за кои „Бехтел“ не сака да дознаат конкурентите. Ние го побаравме целиот договор и очекуваме владата да ни го достави, рече Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската комисија во гостувањето во емисијата „Утрински печат“ на Слободна ТВ.
Коментирајќи ја целата постапка околу договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“, Ивановска нагласи дека тука станува збор за нетранспарентност и обратност во целиот процес.
-Клучна е нетранспарентноста и правење на работите од наопаку. Старите велат „прво рипни па кажи оп“. Ако треба да се донесат тие закони прво треба тоа да се обезбеди. Не може да се потпише договор, а после ние ќе ги донесеме законите. Кај го има тоа? Тоа е наопаку спроведување на работите. Втора работа е недоволно запознавање на јавноста и нетранспарентност. Не може договорот да не се презентира пред јавноста кога се работи за пари на граѓаните. Да го прочитаме договорот, да го видиме, да го проаназираме па ќе видиме што потоа. И во договорот може да има основи за криминално однесување понатаму, децидна е Ивановска.
Она што не го пишува сигурно во договорите и законите се процентите кои во текот на напредниот период на изградба на патните коридори може да завршат во нечиј џеб.
-Има и други посуптилни работи, процентот никаде не го пишува, во ниту еден закон и за „Синохидро“ не пишуваше процент па го зедоа тие што се договарале. Процентот никаде не го пишува, да бидеме уверени во тоа. Тоа е нивниот внатрешен дил што си го прават. Тоа никој не може да го докаже. Само може да се докаже преку платените пари за одредена услуга, извршени работи и проценка на квалитетот. Државата, надлежните органи, ДКСК комисијата може да интервенира само ако има дело. Тука веќе експерти треба да утврдат дали тоа што е направено соодветствува со потрошените пари и тоа е една работа. А има и други работи кои може да бидат ризици од корупција. На донесени закони правиме проверка на законска регулатива за да утврдиме каде постојат одредени ризици за корупција, рече Ивановска.
Таа очекува жестока дебата за договорот за коридорите во Собранието, зошто нагласува таа, „пратениците имаат одговорност, пред граѓаните и пред себе да расудуваат правилно и тоа им е алатка која им стои во рацете“.