Иако обвинителството бараше затворски притвор, кочанскиот суд им одреди куќен притвор на двајцата даночни контролори од Регионалната дирекција Штип кои примале пари и подароци, а за возврат му дојавувале на синот на газдата на кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 63 млади деца дека ќе има контроли во клубот. Меѓу осомничените е и Драган Паунов братот на в.д. претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска.
За двајцата инспектори чии пораки со синот на Дејан Јованов – Дека, газдата на дискотеката, Михајло Јованов беа јавно објавени Судот одредил куќен притвор, а за останатите шестмина, даночни инспектори управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица им се одредени мерки за претпазливост. За синот на Јованов кој ќе меѓу 38-те обвинети за трагедијата против кои се води судски процес веќе има мерки за претпазливост.
– Основниот суд Кочани постапувајќи по поднесени мерки за обезбедување на присуство против 8-осум осомничени лица поврзани со кривичен правен настан од 16.03.2025 година односно случајот, пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во текот на вчерашниот ден постапуваше по истите, и за 6-шест осомничени лица определи повеќе мерки на претпазливост предвидени во чл. 146 од ЗКП, додека спрема 2-двајца осомничени лица изрече мерка Куќен притвор. Дополнително спрема едно лице кое е обвинето со обвинителниот акт на ОЈО Кочани за овој кривично правен настан, а спрема кое и претходно беа определени мерки на претпазливост, беше предложена и од судот прифатена дополнителната мерка за претпазливост предвидена согласно чл. 146 од ЗКП – соопшти Основниот суд Кочани.
Кочанското обвинителство ја примило одлуката на Судот за куќен притвор и најави жалба на одлуката.
Двајцата даночни контролори се осомничени за примање поткуп, а синот е осомничен за уште едно кривично дело давање поткуп.
Другите осомничени даночни инспектори и управници се осомничени дека им овозможиле на дискотеката и дирмата која управувала со нејзе да ги избегнуваат даночните контроли да работат без соодветна фискализација и осомничени се за злоупотреба на службената положба и овластувања. Газдата Јованов е осомничен за уште едно кривично дело „фалсификување исправа“ затоа што за време на контролите на УЈП приложувал преправени фискални апарати со лажни контролни фискални извептаи за да избегне парични глоби и затворање на објектот.
За уште едно кривично дело осомничена е и инспекторка на Државниот пазарен инспекторат која исто така откривала информации за ненајавени контроли. Судскиот процес за трагедијата почна во средата со голем број обвинети и огромен интерес од блиските на загинатите и јавноста.