Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е уверен во способноста на неговата земја да ја одбие руската инвазија. Зеленски додаде дека Украина се подготвува за контранапад.
Тој во интервју за Аларабија призна дека ситуацијата е „предизвикувачка“, но дека неговата земја се засилува за борбата.
„Не можам да ја опишам ситуацијата како добра, но ние се бориме. Ние сме посилни од пред една година“, рече Зеленски.
Претседателот на Украина ја минимизираше важноста на објавените американски документи поврзани со контраофанзивата, а во исто време изрази уверување во нејзиниот успех, иако не наведе никакви детали.
Зеленски зборуваше и за ситуацијата во градот Бахмут, каде украинската армија води жестоки битки против руската паравоена формација Вагнер.
И покрај тоа што некои аналитичари велат дека градот има мала стратешка вредност, Зеленски остана на ставот дека Украина нема да се откаже од градот во источна Украина и ги повика аналитичарите „да го посетат градот за да разберат што може да се случи и кои се заканите“.
„Невозможно е да се откажеме од Бахмут, бидејќи тоа ќе помогне да се прошири борбениот фронт и ќе им даде шанса на руските сили и на Вагнер да окупираат повеќе од нашата земја“, рече Зеленски, додавајќи дека ако Русија го преземе Бахмут, тоа може да послужи како отскочна даска за напредување во два поголеми града во регионот на Доњецк – Краматорск и Славјанск.
Зеленски им се заблагодари на сојузниците за поддршката, но истакна дека помагајќи ѝ на Украина, тие си помагаат и на самите себе.
„Вистината е дека Русија нема да застане на Украина и тоа им е јасно на сите. Затоа, се обраќам кон нашите сојузници, поддржете не бидејќи ова е пред се евтина цена што треба да ја платите бидејќи Русија ќе оди подалеку од ова“, рече тој и додаде дека рускиот претседател Владимир Путин се бори за живот во Украина, не за неговата земја.