Звучни имиња од политичката и бизнис-елита се слушнаа на судењето на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, како дел од контактите што ги имал обвинетиот во својот телефон.
Обвинителката Искра Хаџи-Василева ги прочита имињата на Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, потоа Ана Камчева, сопругата на бизнисменот Орце Камчев, кој се спогоди со судот за случајот „Империја“, па пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, кој му бил запишан во именикот како „бабе Исмаил“, неговиот син и сопственик на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски, кој беше обвинет за злоупотреби со мазутот, бизнисменот Зоран Азманов.
Понатаму, Фехми Стафа, кој се поврзува со поткуп за осомничениот Љупчо Пецов Ѓаволот (кој беше во бегство, а потоа го пријави Ристов дека му барал мито), Исмет Гури, ексдиректор на УЈП и функционер на ДУИ, кому му се судеше за „Титаник 3“, поранешната пратеничка Фросина Ременски, дури и телефонскиот број на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев.
Иако Обвинителството не презентираше докази од комуникација на Ристов со овие моќници, сепак, обвинителката смета дека овие контакти може да бидат разгледувани во етички и законски домен, но го истакна и тоа што ова судење е поврзано и со коруптивни практики.
– Обвинителството сака да прикаже контакти што ги имал обвинетиот како судија, кои можат да бидат разгледувани во етички и законски домен. Ние уште на почетокот кажавме дека ова судење се однесува на она што е предмет на обвинение, но секако е поврзано и со коруптивни практики и дејствија како предикативни елементи на перењето пари, едно од делата за кои го гони обвинетиот. Во таа смисла беа презентирани овие докази што упатуваат на контакти и комуникации, кои по наша оценка се недозволени од судија на Апелација со лица за кои, и самите забележавте, се воделе и се водат и активни предмети и постапки – рече обвинителката Хаџи-Василева.
Сепак, таа прочита пораки меѓу Ристов и поранешниот апелациски судија кој е на црната листа на САД, Енвер Беџети.
Ристов му праќал пораки на Беџети од црната листа
„Друже, како ти стои со ова сега КСЖ (Кривичен совет по жалба, за предмети од Апелација – н.з.). Од Управен ме прашува колешка, брат ѝ бил“, пишуваше во една од пораките што Ристов му ја пратил на Беџети, што ја прочита обвинителката.
Имаше и пораки од непознати лица, но поврзани со предмети што ги работеле негови колеги.
„Извини за предметот кај Букурије, сè уште нема никакво решение или објава, битно е да биде пред 28-ми, зашто имаме предмет“, му пишале на судијата.
Хаџи-Василева прочита уште една порака:
„И вториот предмет им поминал, што е работава, нели беше средено?“ гласеше пораката.
Според одбраната на Ристов, Обвинителството сака „да докаже нешто округло, па на ќоше“. Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека ако имало нешто сомнително, требало да се обезбедат докази за тие контакти и да се гони.
– Ристов не суди сам во Апелација, туку во Совет од тројца судии. Лицата што биле споменувани на минатото рочиште ниту биле ослободени од притвор ниту им била прифатена гаранцијата, а предметите ги судел судијата Илија Трпков – рече Давидовиќ.
Финансиското вештачење на парите што се слевале во семејството Ристови, сепак, го засенија интересниот дел од рочиштето со звучните имиња од неговиот телефонски именик. Ова вештачење беше нарачано од Обвинителството, а го направи овластен судски вештак, односно економист од приватна ревизорска куќа. Биле анализирани годишните даночни пријави на семејството Ристови и банкарските сметки, односно на судијката, неговата сопруга Симона Зориќ Ристов, неговите родители Донка и Здравко Ристови и таткото на сопругата. Вештакот ги анализирал сметките од 2016 до 2025 година, а годишните даночни исплати се од 2016 до 2024 година.
Обвинителството и одбраната различно ги бројат парите на Ристов
– Тоа е писмен доказ на Обвинителството, писмен наод и анализа, направени од стручно вешто лице што ја анализира вкупната финансиска сметководствена управна документација што се однесува на вкупниот имот на обвинетиот и на членовите на потесното семејство. Како што рече вештакот, се однесува на даночни пријави, банкарски сметки и на податоци за нивниот имот. Обвинителството во таа смисла единствено за појаснување еден краток наратив од она што е објаснето во вештиот наод и оттука да го покаже моментот дека обвинетиот и сопругата, како и останатите имаат приливи од извори кои се обезбедени од документите кои единствено постојат, кои не одговараат и не го појаснуваат износот за кој се гони обвинетиот – рече обвинителката.
Вештакот, на прашања на Обвинителството, кажа дека во 2016 година, Ристов земал плата од околу 60 илјади денари, а во 2024 година – околу 120 илјади денари. Неговата сопруга во 2017 година земала плата од 17 илјади денари, за во 2020 година да ѝ порасне на 60 илјади денари, а во 2024 година стигнала до 90 илјади денари. Ристов имал сметки речиси во сите банки, а двапати на свои сметки уплатил готовина од над еден милион денари, но од каде потекнувале тие пари, вештакот рече дека нема доказ, а тоа не го кажа ниту одбраната.
– Од каде е потеклото на тие пари во кеш, ќе го каже тоа нашиот вештак. Точно, по кои основи се заработени. Тоа требаше да го каже и вештакот на Обвинителството. Ние поставивме прашање зошто самиот вештак не отишол во банките и во другите институции и не обезбедил дополнителни докази, што е незамисливо за едно вакво вештачење за вака сериозен предмет. Нашиот вештак ќе ги даде сите податоци од каде потекнува кешот и ќе побараме усогласување меѓу двата вештака. Ристов имал две уплати во кеш – 1,2 милиони денари и 1,3 милиони денари. Ристов е судија од 2008 година до 2024, тој и неговата сопруга заработиле 617 илјади евра, а неговата мајка и татко 975 илјади евра. Од тие 975 илјади евра, на што се согласи вештакот, 400.000 евра се уплатени за станови и остануваат 575 илјади средства што останале по таа уплата – рече Давидовиќ.
Математиката на Обвинителството и на одбраната очигледно се различни. Адвокатот Давидовиќ за тоа од каде се 350-те илјади евра, најдени во кеш и заѕидани во куќата на родителите на Ристов, најави дека ќе кажат во својата одбрана во судница. Апелациониот судија Ристов се товари за кривичните дела „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“, откако Обвинителството му ги најде заѕиданите пари, а со вештачење билe најдени негови отпечатоци, негова ДНК на алуминиумската фолија со која беа завиткани парите, и тоа 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра.