„Ништо за Украина без Украина“, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Не смееме да заборавиме дека Украина е земја која е брутално нападната и затоа таа е таа што треба да ги постави основните принципи за праведен мир“, додаде Фон дер Лејен.
Мишел и Фон дер Лајен одржаа заедничка прес-конференција пред трите важни состаноци на кои ќе присуствуваат во следните денови – самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, самитот на Г7 во Хирошима и самитот ЕУ-Јужна Кореја во Сеул. Фон дер Лајен рече дека очекува на тие собири да се потврдат два принципа, прво дека е неопходно да се обезбеди финансиска и воена помош за Украина онолку колку што е потребно и второ Украина самата да одлучи за условите за мировни преговори.
Шарл Мишел рече дека секој кредибилен мировен план мора да се заснова на принципите на Повелбата на Обединетите нации и дека Украина треба да одлучи кога да ја разгледа можноста за преговори. И Фон дер Лајен и Мишел ја истакнаа важната улога на Кина и нејзиниот претседател Си Џинпинг, кој според нив има големо влијание врз рускиот претседател Владимир Путин.
Претседателката на Комисијата рече дека на самитот на Г7 ќе се разговара за санкциите против Русија, вклучувајќи го и предлогот на 11-тиот пакет санкции што Комисијата го предложи пред неколку дена. Тој предлог главно се однесува на спречување затајување на санкциите што ЕУ веќе ѝ ги воведе на Русија.
„Тоа е предупредување дека сме сериозни во врска со нашите санкции, дека би можеле да го забраниме извозот на производи во трети земји доколку има јасен доказ дека има заобиколување на санкциите и испораката на Русија“, рече Фон дер Лејен. ЕУ би можела да воведе санкции за некои кинески компании кои имаат бизнис со Русија.
Кина денеска испрати висок претставник на турнеја што ќе опфати посети на Украина, Русија, Полска, Франција и Германија. Според најавите од Пекинг, специјалниот пратеник Ли Хуи, специјален претставник на Кина за евроазиски прашања, ќе разговара за политичко решение на војната во Украина.