Европол денеска соопшти дека се уапсени 37 членови на многу насилна криминална група од Западен Балкан.
Како што наведуваат, оваа криминална група главно се занимавала со шверц на дрога и огнено оружје низ Европа.
Од 37-те осомничени, 15 беа уапсени во вчерашните рации, кои беа спроведени истовремено низ Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Холандија, Италија, Белгија и Германија.
Се додава дека акциите биле координирани од командното место во Загреб, со поддршка на офицерите на Европол распоредени на терен.
Групата била предводена од државјанин на Босна и Херцеговина, кој во моментов издржува четиригодишна затворска казна во Италија.
Тој продолжил да организира криминални дејствија од затворската ќелија, од каде што, како што се верува, редовно издавал наредби и упатства до своите подредени.
Во рациите, меѓу другото, запленети се 148.000 евра во готовина, 18 парчиња огнено оружје од кои два митралези и 2.512 парчиња муниција.
Притоа, запленети се 15 килограми кокаин, 11 килограми хероин, три килограми амфетамин, седум килограми марихуана и 10 килограми хашиш.
Оваа меѓународна акција е проследена со сложена истрага што ја води главната управа на хрватската полиција, во рамките на Оперативната група „Балкански картел“, се вели во соопштението на Европол.
Европол претходно ја формираше Оперативната работна група „Балкански картел“, која собира истражители од цела Европа и светот, со цел ефективно да се справи со заканите кои доаѓаат од овој регион.