Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека досега се променети околу 1.210.000 патни исправи, повеќе од 1.100.000 лични карти и околу 540 илјади возачки дозволи. Според Спасовски, нема никаков проблем дали да се продолжи рокот за издавање на патни исправи, ако така одлучи Собранието, и нагласува дека се работи со зголемена динамика и процесот така ќе продолжи и по 12 февруари.
Да не се креира слика во јавноста дека по 12-ти нема да дојде до промена на документите. Владата не донесе одлука зашто Законот за лични карти не е променет и тој е во важност и од самиот почеток до денес беше јасно дека нема да има промена на личните документи. Неколку пати кажавме дека личните карти ќе важат и по 12 февруари, не заради тоа што се во домашна употреба, туку заради тоа што не го сменивме Законот за личните карти во кој се остава рок за важење на личните карти, рече министерот, додавајќи дека согласно проценките, нема голем број лица кои побаруваат документи, а се работи со зголемена динамика и процесот така ќе продолжи, изјави Спасовски во гостувањето на ТВ21.
Коментирајќи ја изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски, Спасовски рече дека сега е време на избори и секој цени дека треба да даде соодветни изјави и дека тој не би навлегувал во никакви конфронтации.
Роковите не се утврдуваат на Влада, туку со закон. Самиот факт што го изнесе и претседателот, дека има потреба да се промени Законот за лични карти за да се продолжи рокот, апсолутно не е така, бидејќи Законот не бил воопшто никогаш сменет за да може да се продолжува рокот. Мислам дека не треба да бидеме под наплив на некакви емоции во овој момент кои ќе придонесат да се креира дополнителен проблем, рече Спасовски.