Продолжува битката во Алијанса за Албанците помеѓу актуелниот лидер Арбен Таравари и поранешниот Зијадин Села кој е претседател на централното Собрание. Откако претходната недела и двајцата одржаа посебни средби со делегати сега и двајцата свикаа конгреси, па така ќе има два.
Денеска во 19 часот во хотелот „Александар палас“ во Скопје претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари закажа конгрес на партијата. Минатата недела крилото на Зијадин Села исто така закажа партиски конгрес во Скопје.
„Врз основа на член 31, точка 1 од Статутот на Алијансата за Албанците, претседателот на партијата д-р Арбен Таравари повика на вонреден конгрес во петок, 16 февруари 2024. Промената започна!“, напиша пратеникот на АА Халил Снопче, кој е поддржувач на Таравари.
Минатата недела на Централното собрание на Алијансата за Албанците со кое претседава Зијадин Села беше донесена одлука за одржување конгрес на партијата на 18 февруари во Скопје на кој ќе се разреши претседаталот на партијата Арбен Таравари.
Министерот за правда, Кренар Лога, кој е поддржувач на Зијадин Села за самостоен настап на партијата на претстојните избори, соопшти дека конгресот на АА ќе се одржи в недела во 13 часот во Националната опера и балет во Скопје.
„Нема промена на датум и локација. Добредојдовте во нашиот дом! Секоја друга информација која кружи освен оваа официјална информација е лажна и обид за измама и дефокусирање на членството“, напиша Лога.