Нема скратени патишта и компромиси на патот кон Европската Унија, туку само реформи, порача вчера евроамбасадорот Дејвид Гир на промоцијата на проектот „Поддршка од ЕУ за владеење на правото“.
Во воведното обраќање, Гир изнесе серија забелешки за состојбата со владеењето на правото и потсети дека тоа е клучната вредност на ЕУ и јадрото на процесот на проширување. Притоа призна дека имало извесен напредок во изминатите години, но и одредени прашања што предизвикуваат „загриженост“, и тоа, како што рече, не треба да се заборави.
Реформите во судството и во обвинителството мора да се на линија со ЕУ-стандардите и да се спроведат без одложување. За ова се делумно одговорни Владата и Собранието, но и судиите, обвинителите и нивните совети. Партиите и бизнисите мора да престанат да се мешаат во работата на судиите и на обвинителите, рече евроамбасадорот Дејвид Гир
Бевме сведоци на настани што ја ставаат под прашање посветеноста на реформите. На пример, загриженост предизвикаа случувањата во Судскиот совет во текот на летото, па затоа испративме Оценска мисија за утврдување на интегритетот и професионалноста во Советот. Тука е и фактот дека пречесто не се почитуваат препораките од Антикорупциската комисија – изјави Гир.
И во обраќањето и во изјавата за медиумите, евроамбасадорот не ги пропушти измените во Кривичниот законик, нагласувајќи дека неказнивоста не може да биде опција.
– Кога зборуваме за загриженоста, сигурно не сте ја пропуштиле изјавата од Европската комисија за измените во Кривичниот законик, пред сѐ, користењето на европското знаменце што се смета за несоодветно и е едно од прашањата за кои треба да се дискутира. Исто како и за ризикот што го идентификуваше Комисијата дека ваквите измени можат да доведат до зголемување на неказнивоста – порача евроамбасадорот.
Откако го повтори ставот дека ЕУ сака да ја види земјата како се движи брзо во сферата на владеење на правото, порача дека „граѓаните имаат право да го бараат тоа, но и Европската комисија има право да го бара тоа од земја кандидат“.
– Реформите во судството и во обвинителството мора да се на линија со ЕУ-стандардите и да се спроведат без одложување. За ова се делумно одговорни Владата и Собранието, но одговорност имаат и судиите и обвинителите, како и нивните совети. Промените мора да дојдат однатре, а политичките партии и бизнисите мора да престанат да се мешаат во работата на судиите и на обвинителите – додаде Гир.
Што се однесува до Оценската мисија во Судскиот совет, најави дека таа ќе заврши оваа недела. Членовите на мисијата, инаку судии на високи позиции во земји на ЕУ, во Брисел ќе разговараат со Европската комисија за наодите, по што ќе ги објават препораките.