Германските автопати не се ограничени со брзина, но сè повеќе еколошки активисти лобираат за ограничување на брзината до 130 km/h. Новиот аргумент за ова е паричната заштеда, каде што истражувачи од шведско-германска истражувачка група во студија објавена во стручното списание Ecological Economics, пресметаа дека ограничувањето на брзината може да донесе заштеда од 950 милиони евра годишно.
Како што пренесува ХАК магазинот, истражувачите ја анализираа корисноста и штетата од ограничувањето на брзината, вклучувајќи го влијанието на времето на патување, потрошувачката на гориво, проширувањето и одржувањето на инфраструктурата и бројот на сообраќајни несреќи. Конечниот заклучок е дека германското општество би имало значителна корист од ограничувањето на брзината.