Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски одржа состанок со Штабот за заштита и спасување, на кој беа донесени итни мерки за справување со кризата со сметот во општината. Тој истакна дека се врши целосна мобилизација на сите служби и ресурси на Општината и на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ).
-Од денеска, сите вработени во Општината и во ПОЦ добиваат конкретни задачи за решавање на оваа криза. Ги редуцираме сите други активности и ги насочуваме ресурсите кон менаџирање на овој проблем. Ова е момент кога секој јавен службеник мора да покаже одговорност – изјави градоначалникот.
Тој најави поставување на помали контејнери за секојдневен отпад во густо населените делови и поголеми за кабаст отпад на стратешки локации, со апел до граѓаните сметот да го фрлаат во контејнерите, а не околу нив.
Според него, ПОЦ ќе воспостави и посебен распоред и пунктови за собирање на угостителски отпад.
– Ги повикувам сите угостители отпадот да го одлагаат на локации каде контејнерите не се преполни и да го пакуваат во двојни или тројни кеси. Утре ќе објавиме информации за сите локации – додаде Герасимовски.
Тој информираше дека се воведува нов систем за дистрибуција и депонирање на сметот, со цел да се скрати времето на транспорт до депонијата „Дрисла“.
– Најголемото тесно грло ни е патот до Дрисла и растоварувањето. Затоа воведуваме промена, помалите камиони ќе го растовараат сметот на плац на општествено одговорна фирма, а потоа со поголеми камиони отпадот ќе оди кон Дрисла. Со тоа ќе го забрзаме целиот процес – рече тој.
За викендот, општината ќе спроведе итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките, а во сите 1.980 шахти ќе биде применет сертифициран препарат. Герасимовски најави дека ќе се организира и средба со управителите на згради и куќни совети, при што секое домаќинство ќе добие бесплатни, издржливи кеси за отпад, а секој влез ќе биде задолжен да спроведе дератизација.
– Испраќам јавен повик до сите компании да помогнат со механизација, камиони и логистика. Ова е момент кога треба да покажеме општествена одговорност и солидарност. Се соочуваме со сериозен здравствен ризик – ова не е само прашање на хигиена, туку на јавно здравје – порача градоначалникот.
Герасимовски потенцираше дека ова не е време за политика, туку за работа и одговорност, додавајќи дека го редуцира своето непосредно учество во изборната кампања, која од сега ќе ја води неговиот изборен штаб.