Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев во официјално писмо упатено до своите колеги, министрите на земјите членки на Европската Унија (ЕУ), изразува загриженост за, како што вели во него, континуираното одбивање на Северна Македонија да го спроведе Договорот со Бугарија и да ги исполни своите обврски, донесени на ниво на Унијата.
Писмото на Георгиев, до кое дојде „360 степени“, е со датум од 1 септември, а покрај до министрите за надворешни работи на земјите членки, дополнително е адресирано и до високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и до еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Во дописот, шефот на бугарската дипломатија го пренесува ставот на Софија дека Владата на С Македонија наместо да се придржува и да го спроведе договорениот пакет чекори, што би го гарантирал нејзиното членство во ЕУ, води политика на конфронтација, обвинувања и постојани негодувања.
„Со растечка загриженост ви го испраќам ова писмо на тема што предизвикува сè поголема фрустрација и за мојата земја и за Европската Унија“,вели шефот на бугарската дипломатија на почетокот на писмото.
Веднаш потоа, тој потсетува дека во јули 2022 година двете земји се согласиле за конкретни чекори, спакувани во пакет договор, кој би го гарантирал членството на Северна Македонија во ЕУ, а кои, како што наведува Георгиев, било предизвикано од политиката на Скопје, да не ги спроведува на доследен начин преземените обврски.
Оттогаш, вели понатаму шефот на бугарската дипломатија во дописот, последователните влади во Софија доследно и праведно се справуваат со ова прашање потврдувајќи го европскиот консензус, преку имплементација на својот дел од обврските од договорот.
Во таа насока Георгиев додава дека Бугарија јасно изјавила дека нема понатамошни услови кон својот сосед, освен она што веќе е договорено.
„Сметам дека е важно да се напомене дека прашањето стана дел од довербата на нашите граѓани во самиот процес на ЕУ – ако сме се согласиле за нешто како Унија, ако споделуваме збир на заеднички вредности и цели, тогаш исходот од нашите договори ќе биде предвидлив и фер“,вели тој во писмото.
Сепак, како што наведува понатаму, другата страна, односно Владата на С Македонија, одбива да ги спроведе конкретните договори.
Целата вест можете да ја прочитате тука