СДСМ преку соопштение обвини дека ВМРО-ДПМНЕ, како што наведуваат, се плаши од изборниот резултат и затоа се обидува да воведе решенија кои отвораат простор за изборни манипулации преку електронското гласање на дијаспората.
Од партијата велат дека власта се обидува „насилно и на шверцерски начин“ да го протурка електронското гласање, иако, според нив, неговата примена е предвидена дури од 2029 година.
„Нема никаква причина за вакво брзање, освен намерата однапред да се отвори простор за изборни манипулации. Наместо аргументи, ВМРО бега од одговор на клучните прашања – зошто инсистира на електронско гласање без соодветни гаранции, зошто граѓаните во дијаспората ги става во ризик од сомнежи за злоупотреби и зошто воведува двојни аршини за гласањето“, се наведува во соопштението.
СДСМ тврди дека, додека гласачите во земјава поминуваат низ строга постапка за идентификација, за гласачите од дијаспората, според предложените измени, би важеле поинакви правила, што, како што велат, остава простор за злоупотреби и притисоци.
Од партијата додаваат дека предложеното решение го менува концептот на гласање и ја нарушува еднаквоста и сигурноста на изборниот процес.
„Позициите на СДСМ за Изборниот законик се принципиелни и јасни – нема да прифатиме решенија што отвораат простор за изборни манипулации и изборен грабеж“, се наведува во партиското соопштение.