Владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара од Советот на јавните обвинители да изврши надзор над работата на обвинителите во Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) и да истражи како била донесена, како што велат од партијата, контроверзната одлука за запирање на постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Барањата до Советот денеска на прес-конференција ги упати пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој повторно го прозва шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, обвинувајќи го дека поради негова лична и политичка концесија кон СДСМ и ДУИ, предметот во јавноста познат како „Мазут“ деновиве доживеал тивка амнестија.
„Заклучокот е јасен. Иако јавноста е изненадена на непријатен начин, сепак, главниот обвинител во ЈО ГОKK, Ислам Абази, веројатно има лична и политичка концесија кон (Али) Ахмети, (Зоран) Заев и (Венко) Филипче, како ментори на неговата кариера. Се разбира, оваа концесија е заради блиските до СДС и ДУИ – Васко Ковачевски, Ерџан Сулкоски, Ратко Капушевски и Асмир Јахоски коишто заедно со други девет лица биле предмет на оваа голема набавка на мазут вредна 167 милиони евра“,рече Милошоски.
Според него, и покрај тоа што стручни истражители на Министерството за внатрешни работи (МВР) обезбедиле релевантни докази за, како што кажа, коруптивната и скапа набавка, сепак, шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, и обвинителката во ова Обвинителство, Катерина Коларевиќ, одлучиле да ја прекинат истрагата.
„Затоа го повикуваме претседателот на Советот на јавни обвинители да изврши надзор над работата на обвинителите во ЈО ГОКК поради оваа контроверзна одлука за прекинување на истрагата во случајот ‘Мазут’ и набавките во ТЕЦ ‘Неготино’“,рече тој.
Како што наведе членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Советот на јавните согласно законските надлежности треба ги сослуша Абази и Коларевиќ и со нив заедно да бидат истражени постапката и начинот на кој тие одлучиле да ја прекинат истрагата за случајот „Мазут“ поради што осомничените уште пред да појдат на суд, според Милошоски, биле амнестирани од каква било одговорност или од какво било обвинение.
„Јавноста има право да го дознае секој детаљ за оваа набавка од 167 милиони евра, затоа што во овој случај испадна дека одредени истражувачки новинари беа поефикасни во истрагата од обвинителите Ислам Абази и Коларевиќ“,рече Милошоски додавајќи дека владеењето на правото нема да се зајакне со вакви контроверзни одлуки и прекинување на истрагите, владеењето на правото се зајакнува доколку високата корупција и сомнежите за злоупотреба на вакви јавни набавки имаат можност да бидат докажувани со аргументи на Обвинителството и на обвинетите и на адвокатите пред надлежен суд.