ВЛЕН: Од тоа што прозборел Артан ќе зависи кој ќе оди курбан

од Вести365.МК Ј.Р.

Обвинението против Артан Груби ги разгоре политичките страсти во ДУИ, оценуваат од ВЛЕН, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Владата. Оттаму тврдат дека последните случувања предизвикуваат нервоза во партијата и дека Груби може да има важна улога во идните политички разврски.

Од ВЛЕН се осврнаа и на најавите за можно повлекување на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од активната политика. Според нив, објаснувањето дека Ахмети сакал да се повлече, но неговите сопартијци не му дозволувале, не е уверливо.

„Обвинението за Артан Груби ги зовре страстите во ДУИ. Стравот од неговата меморија си го прави своето. Ахмети најавува повлекување од активната политика. Демек, тој сакал да се повлече, ама сопартијците не му давале. ‘Приказни за мали деца’, вели народот“, соопштија од ВЛЕН.

Од коалицијата велат дека подолго време го посочуваат Груби како „црната кутија“ во ДУИ и сметаат дека неговото присуство или отсуство може да влијае врз повеќе идни случувања во партијата.

„Одамна тврдиме дека Артан Груби е ‘црната кутија’ и дека од неговото присуство или отсуство зависат многу разврски“, велат од ВЛЕН.

Во реакцијата го споменуваат и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, оценувајќи дека неговите последни јавни настапи и темите што ги отвора директно или индиректно се поврзани со Груби.

„Не случајно Бујар Османи, кој чека во низок старт, пласира прашања и теми со кои директно или индиректно го адресира Груби“, наведуваат од ВЛЕН.

Според нив, значајна улога во идните случувања би можел да има и Ислам Абази. Од ВЛЕН оценуваат дека во ДУИ се обидуваат да остават впечаток дека ситуацијата е под контрола, но тврдат дека внатрешните случувања покажуваат поинаква слика.

„Улогата на Ислам Абази е многу важна за идните разврски во ДУИ, каде што очајно се обидуваат да создадат впечаток во јавноста дека ја контролираат ситуацијата, иако таа одамна им е надвор од контрола“, се наведува во реакцијата.

Од ВЛЕН одат и чекор понатаму, тврдејќи дека евентуалните информации што би ги споделил Артан Груби би можеле да имаат последици и за други функционери или поранешни функционери на ДУИ.

„Од тоа што прозборел Артан ќе зависи кој ќе оди курбан. За Ахмети допрва доаѓаат тешки времиња. Угоре високо, удолу длабоко!“, порачуваат од ВЛЕН.

Станува збор за политички ставови и обвинувања изнесени од ВЛЕН, а не за утврдени факти за евентуална одговорност на лицата што се споменуваат во нивната реакција.

Слични објави