Во Основниот суд Струга продолжи судењето за случајот за Јилдиз Веапоска на која и беа извадени органи, а по денешното сведочење на медицинската сестра, таа вели дека застанала во одбрана на страна на обвинетите, а не на вистината.
Во случајот обвинети се тројца лекари од општата болница Струга – екс директорот и гинеколог Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и Лилјана Јованоска, за вадењето на матка, јајник и бубрег на Јалдз Веапоска.
Тие се обвинети дека додека ѝ укажувале медицинска помош на родилката од Дебар Јалдз Веапоска, примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување поради што ѝ ја влошиле здравствената состојба.
Медицинската сестра Сарита Пешиноска од Општата болница Струга, која била на смена и ја подготвувала Јалдз Веапоска за операција после изведениот царски рез, денеска во судница рече дека Веапоска пред операцијата ѝ кажала дека се чувствува добро и не сака доктор туку сака да си оди дома.
Веапоска тврди дека таквиот исказ даден пред судијата е само делумно вистинит, односно дека не се чувствувала добро, а точно е дека сакала да си оди од болницата но само за да биде пренесена во друга здравствена установа каде ќе видат што се случува со неа.
– Не е точно дека сум била добро. Како може да бидам добро во таква состојба. Јас да, барав да излезам од таа болница ама за да одам во друга болница, за да видат што се случува со мене, а не за да одам дома. Повик до министерот за здравство како што реагираше за Јана, за бебето, за анестезиологот да реагира и за овој случај за одземање на лиценците на сериозен случај што останувам без органи, останувам инвалид, останувам половина човек со овие доктори, вели таа.
Веапоски потоа објасни што се случувало кобниот ден кога навистина барала да си оди од струшката болница, но само за да ја добие потребната помош во друга здравствена установа.
– Точно е дека барав да излезам од таа болница, ама не за да си одам дома туку за сопругот да ме носи во друга болница за да оздравам. Значи да оздравам, а не да се случи тоа што се случи да ми ги извадат органите. Сведочеше на страна на обвинетите а не на страна на вистината, изјави Веапоска за „Слободен печат“.