Бочварски го потпиша договорот за поддршка на изградбата на Брз автобуски транспорт во Скопје

Откако пред неколку дена градоначалничката на Скопје Данела Арсовска најави дека „се отстранети сите пречки“ и дека ќе се градат траси за  Брзиот автобуски транспорт – БРТ, што пак беше проект и на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, веќе денеска министерот за транспорт и врски го потпиша договорот со Градот, како и со Министерството за финансии, имајќи предвид дека Владата се изјасни за финансиска поддршка на воведувањето на брз автобуски превоз. 

Во соопштението за потпишувањето на договорот за имплементација на  Системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје се вели дека имплементатор на проектот е Градот Скопје, а средствата во висина од 70 милиони евра за реализација на овој проект се обезбедни преку Владата.

„Проектот подразбира изградба на два нови терминали, на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ.

Новиот систем е предвидено да има две линии кои ќе го поврзуваат градот по линија исток-запад, првата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и втората линија север-југ, од Бутел до Пинтија, а двете линии ќе се преклопуваат во центарот на градот.

Преку овие инвестиции, Владата преку Министерството за транспорт и врски ја спроведува транспортната политика за ефикасен и еколошки транспорт во урбаните средини“, се вели во соппштението на министерот Бочварски.

Слични објави