Антички монети од времето на Филип Втори се откриени во Битолско

од Вести365.МК Ј.Р.

Тим од археолози открија над 400 антички монети на археолошкиот локалитет Градиште кај битолското село Црнобуки, а дел од нив потекнуваат и од времето на македонскиот крал Филип Втори, пишува СДК.

Истражувањата ги спроведуваат македонски научници во соработка со Универзитетот „Кал Поли Хумболт“ од Калифорнија.

Координаторот на проектот, археологот-советник и кустос во Завод и музеј Битола, Енгин Насух, посочува дека на дел од монетите е прикажан ликот на Зевс, а меѓу пронајдените има и примероци од времето на Октавијан Август, како и од градовите Тесалоника, Пела, Амфиполис и Дирахиум.

Монетите од годинашните ископувања сè уште се обработуваат, но веќе потврдуваат значајна нумизматичка збирка од над 400 примероци, која, како што вели Насух, ја раскажува хронолошката приказна за населбата во Црнобуки.

Во претходните години биле откриени и сребрена монета со ликот на Александар Велики, како и бројни сребрени монети од римскиот републикански период (од 104 до 41 година п.н.е.).

„И оваа година археолошкиот локалитет Градиште кај селото Црнобуки ни ги даде своите дарови. Мноштвото движни и недвижни археолошки наоди повторно ги збогати нашите сознанија за овој древен македонски град. Секоја пронајдена монета, секој пронајден сад, секој пронајден метален предмет, сите тие ни ја раскажуваат приказната за Градиште кај Црнобуки, за животот на обичниот човек, за походите на големите генерали, за трговските врски со околните големи градови Тесалоника, Пела, Амфиполис, Дирахион. Ја откриваме приказната за нашите предци како достојни наследници. Ние сакаме да го откриеме минатото за подобро да ја градиме иднината“, истакна Насух.

Локалитетот Градиште се наоѓа на околу 12 километри од Битола и претставува античко населено место кое постоело во времето на македонската држава, а подоцна и во римско време.

За него постојат различни научни претпоставки — меѓу нив дека можеби се работи за античкиот град Персеида или за градот Линк, но археолозите нагласуваат дека е прерано за конечни заклучоци.

„Со сигурност можеме да кажеме дека станува збор за град од македонско-хеленистичкиот период, кој опстојувал до крајот на старата ера, а има индиции дека постоел и порано, дури и во бронзеното време. Сè уште не е утврдено за кој град точно се работи, па потребни се дополнителни истражувања“, додава Насух.

Слични објави